Извештај за викендот и стратегии за напредок на КК Струмица Ролинг
- Jugoslav Cicimov
- Nov 9
- 2 min read
Викендот беше исполнет со натпревари за КК Струмица Ролинг, каде што различните селекции покажаа различни резултати и потенцијал за иднината. Во овој извештај ќе ги разгледам натпреварите, ќе анализирам јаките и слабите страни на тимот.

Резултати од натпреварите
Викендот започна со натпреварот на селекцијата М12 каде КК Струмица Ролинг загуби од КК Спортисимо со 37:43. Иако младите играчи покажаа потенцијал, им недостасуваше борбеност во одбраната и подобра комуникација. За разлика од претходниот триумф над КК Феникс, играњето пред домашна публика создаде притисок, што доведе до грешки и индивидуализам. Сепак, натпреварот беше неизвесен до крај. Честитки за противникот за победата, а ние треба да работиме на психолошката стабилност и колективната игра.
Во 11:30 часот, селекцијата М16 го забележа првиот триумф за нас овој викенд со резултат 55:34 против КК Чаир. Ова беше добар настап, каде што тимот доминираше во одбраната и користеше брзи контранапади за постигнување поени. Тренерот на овој натпревар имаше можност да испроба неколку комбинирани петорки и играчи кои беа со помала минутажа во претходните натпревари. Оваа победа е добра основа за понатамошен развој на младите играчи.
Следниот натпревар беше во 13:30 часот со селекцијата М14, која го победи КК Тиквеш со убедливи 78:40. По неубедливата прва четвртина, во продолжение на натпреварот екипата го покажа својот капацитет и лесно го приведе натпреварот кон крајот. Сепак, оваа убедлива победа не смее да ги прикрие слабостите на екипата кои се провлекуваа низ натпреварот, а тоа се премногу индивидуализам, слаба комуникација во одбраната и во нападот, премногу дозволени офанзивни скокови на противникот (од кои бевме доминантно повисоки) и т.н.
Последниот натпревар се одигра во 17:00 часот со сениорите, каде што КК Струмица Ролинг беше поразен од КК Борец Баскет со резултат 53:83. Како и во претходните натпревари, така и на овој, краткиот ростер на играчи ни овозможува добра игра само во едно полувреме. Радува пожртвуваноста на сите играчи кои добија шанса, нивната желба за докажување и победа, професионалниот однос на теренот и лидерството на капитенот. Кога тројцата најдобри играчи поминуваат на теренот и по 36 минути, не можеме да очекуваме да ја реализираат замислата на тренерот во континуитет. Останува да продолжиме со напорната работа, особено со другите играчи, за да можат да го дадат својот придонес и да им бидат од помош на овие тројца.
На крајот, треба да истакнеме дека сите селекции или барем дел од носителите на играта се една до две години помлади и нивниот вистински потенцијал ќе го очекуваме следната сезона. Сепак, тоа не е изговор за да не се исправат забележаните грешки. Останува на тренерите да ги анализираат натпреварите, да ги идентификуваат недостатоците и да ги коригираат.
Заклучокот од овој викенд е дека КК Струмица Ролинг има добра основа, но и јасни области каде е потребно повеќе труд. Со посветеност и правилен пристап, тимот може да ги подобри своите резултати и да ја зацврсти својата позиција на кошаркарската сцена.




Comments